spres0911Почитувани,

Безмилосното собирање арач, огромните казни, даноци и давачки, се алатките со кои ВМРО-ДПМНЕ веќе 9 години ги осиромашува граѓаните, меѓу кои и прилепчани. Еве како власта на ВМРО-ДПМНЕ изнајде уште еден начин да дојде до пари од граѓаните.

Преку злоупотреба на образовниот процес.
Имено, директорот на гимназијата „Мирче Ацев” донесе одлука која, од околу 900 ученици запишани во училиштето, ќе извлече околу 1.350.000 денари! За работни униформи кои чинат по 1500 денари и кои задолжително од 1-ви декември ќе треба да ги носат прилепските гимназијалци.
Нејасно е зошто, наместо на 1-ви септември кога започнува учебната година, униформите се воведуваат на 1-ви декември? За што матурантите ќе платат по 1500-тини денари за униформа, којашто ќе ја носат едвај четири месеци.
Прашуваме, дали оваа набавка повторно оди во корист на бизнисмени блиски на ВМРО-ДПМНЕ?
Почитувани сограѓани,
СДСМ не е против носењето униформи во училиштата. Напротив, сметаме дека тоа треба да биде пракса во сите училишта на територија на општина Прилеп. Но, нашиот став е дека униформите треба да бидат бесплатни за сите ученици.
Заради тоа што средното образование е задолжително за сите, предлагаме:
Надоместокот за работни униформи, наместо родителите, од својот скромен џеб, да го плаќа Локалната самоуправа, од општинскиот Буџет.
Во услови кога власта троши милиони евра народни пари, за вработување на партиски војници во образованието, како и милиони за набавка на комјутери што единствено служат како декор во училиштата, сметаме дека овој наш предлог воопшто нема да ја оптовари општинската каса. А многу ќе им олесни на родителите на учениците.
Бараме, од градоначалникот Марјан Ристески, барем еднаш да ги надмине партиските бизнис интереси и да застане на страната на граѓаните, поддржувајки го овој наш предлог.

Ви благодарам.