Почитувани,
Со ребаланс на буџетот на општина Прилеп, локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Марјан Ристески, продолжуваат со нерационално трошење на општинскиот буџет.
Постојат и бројни контрадикторности што упатуваат на можни злоупотреби на пари на граѓаните.
Јавните комунални претпријатија во извештаите доставени до Советот, прикажуваат дека работат со добивка. Но советниците на ВМРО-ДПМНЕ на завчерашната седница им доделија субвенции во висина од 22 милиона денари. Од нив, 16 милиони за Комуналец, 3 милиони за Пазари и по милион за Водовод и канализација и за Јавно претпријатие за управување со паркинзи.
Затоа изразуваме неверување во финансиските извештаи што се доставени до Советот. Бидејќи општина Прилеп нема внатрешен ревизор, бараме надворешна ревизија, со цел да се разјасни точноста на податоците врз коишто се базира ребалансот.
СДСМ со амандман предложи тие средства да се пренаменат за подобрување на катастрофалната состојба на улиците во Прилеп, но тоа беше одбиено од советниците на ВМРО-ДПМНЕ.
Со ваквиот потрошувачки ребаланс на општинскиот буџет, дополнително се комплицира финансиската стабилност и ликвидност на општина Прилеп, бидејќи власта на ВМРО-ДПМНЕ во градот троши пари што не може да ги собере.
Градоначалникот Ристески нема доблест ни да се појави на седниците на Советот за ребаланс на буџетот, очигледно затоа што ќе треба да ги објасни погрешните приоритети и чудните ставки.