Откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт се намали просечната плата на граѓаните, а видовме и некој празни флоскули на бранот на патриотизмот, што е недозволиво во политиката да се докажуваме на граѓаните кој е поголем патриот.
ВМРО-ДПМНЕ, едно говореше и ветуваше во кампањата, а сега сосема поинаку се однесуваат, откако се на власт, рече пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на гостувањето во утринската емисија во Слободен печат.
-Заврши медениот месец на Владата, видовме одредени дисонантни тонови, зошто едно слушавме кога беа во опозиција и тоа беше бранот на којшто се водеа нивните политики и оние гласови што ги земаа, а сега слушнавме дека Преспанскиот договор е ремек-дело на надворешната политика, додека пред тоа говореа дека ќе има ревидирање. За одредени работи поврзани со надворешната политика слушавме еден наратив додека беа во опозиција и бевме жестоко обвинувани за сите чекори коишто ги преземавме. Сега прават поинаку, рече Лукаревска.
Таа потенцираше дека ДПМНЕ многу често се однесува како да се во опозиција, па наместо претставниците на владејачката партија во парламентот, да даваат одговори, тоа мора да го прави опозицијата. Лукаревска се осврна и на буџетот за 2024 година, за кој ДПМНЕ обвинуваше, но и за сегашниот за 2025 за кој треба да се расправа.
-Ние како СДСМ имаме конзистентен став и во делот на просечната плата, и во делот на минималната плата, а бевме обвинувани постојано дека расипнички и душмански сме трошеле од буџетот, во 2024, е сега следната недела ќе почне расправа за новиот буџет за 2025, па тогаш не знам кој аргументи ќе ги каже власта“, рече Лукаревска.
Во однос на предвремените парламентарни избори, таа потенцираше дека СДСМ е подготвенa за предвремени парламентарни избори.
-Подговени сме. По овие внатрешни процеси што се прават во партијата, тоа за нас не менува ништо бидејќи секако се подготвуваме за локалните избори коишто треба да се одржат во октомври и доколку има вонредни парламентарни избори подготвени сме да ја прифатиме фрлената ракавица, рече Лукаревска.