Венко Филипче

Венко Филипче

Професор д-р Венко Филипче е роден на 13 јуни 1977 година во Скопје, Република Северна Македонија, професор по медицински науки на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј”, Медицински факултет во Скопје. Дипломирал на Медицински факултет во Скопје во 2001 година, а во 2004 година е избран за асистент на Факултетот.
 
Специјализацијата по неврохирургија ја завршил во 2008 година. Магистрирал по неврохирургија од 2011 година, а потоа докторирал во 2015 година. Д-р Венко Филипче во текот на својата кариера постојано надградува одредени области на медицината во неврохируршките центри во Грац, Белград, Дејтон, Колумбус, Истанбул, Цирих. Д-р Филипче беше секретар на Македонското неврохируршко здружение, како и член на извршниот комитет на Здружението на неврохирурзи од Југоисточна Европа, а во 2016 година ја организираше Македонско-јапонската невроваскуларна конференција. Во 2012 година заврши специјализација за интервентна неврорадиологија во Цирих со што стана првиот неврохирург во Северна Македонија и соседните земји кој воспостави хибридна неврохирургија на главната клиника во Скопје.
 
Автор е на многу публикации во домашни и странски списанија од областа Неврохирургија. Од јуни до декември 2017 година беше надворешен советник на претседателот на Владата, со експертиза во областа на здравствениот систем. Во декември 2017 година, д-р Венко Филипче е именуван за министер за здравство на Република Северна Македонија.
 
Функцијата потпретседател на СДСМ ја извршува во 2021 и 2022 година, а од мај 2024 година, проф. д-р Венко Филипче е пратеник во македонското Собрание. На 30 jуни 2024 година на вонредни внатрепартиски избори е избран за Претседател на СДСМ.